Македонско дерби во Блауграна: Кире во напад на Борко и поранешните колеги

После поразот од Монпеље на домашен терен во првенството на Франција, Кире Лазаров и колегите имаат нов предизвик и тоа на теренот каде што играше во минатите неколку сезони и против тимот со кој успеа да дојде до титулата во Лигата на шампионите. Барселона е следниот ривал за Нант, а тоа значи дека денеска од 20 часот ќе може да се проследи ново македонско дерби во Лигата на шампионите.

Лазаров и колегите имаат променлива форма што може да се види и со резултатите. Иако ова им е прва сезона во која противниците ги гледаат поинаку и посериозно, сепак, Нант денеска е во тешка ситуација бидејќи Барселона е екипата која е во предност и од која се очекува многу повеќе.

Доколку Борко Ристовски и колегите одиграат на нивото од претходните неколку средби тогаш на овој меч нема да имаат проблеми за да победат. Одбраната би требало да биде предност бидејќи таа функционираше на потребното ниво на средбите на кои Барса славеше со висока разлика така што сигурно ќе има посебен акцент на десните бекови на Нант кои веќе играле за Барселона. Тоа значи дека нема да има многу простор за Лазаров и за Гурбиндо, па Тиери Анти ќе мора да бара други решенија за да ја пробие одбраната на Каталонците.

Во секој случај за Македонија овој меч има поинаков аспект на следење. Поранешните соиграчи и репрезентативни цимери ќе имаат одмерување на силите. Лазаров е во напад на Борко, па останува да се види кој ќе биде поуспешен. На Ристовски е да го запре капитенот на репрезентацијата на Македонија, а тоа значи дека денеска ќе има големи возбудувања во Блауграна.