„Македонското“ дерби во Франција му припадна на Ристовски

Во македонското дерби во Франција, Борко Ристовски и Кретеј на гостински терен беа подобри од Тулуз на Гоце Георгиевски со резултат 30-31 (15-13). Цели четириесетина минути екипата на Тулуз го имаше водството на своја страна кое во 23. минута ги достигна највисоките 12-8. До крајот на полувремето Кретеј успеа да намали половина од највисокото водство и на полувреме се замина со водство на Тулуз од 15-13.
Васко Шеваљевиќ, Алваро Руиз и Гоце Георгиевски беа ракометарите кои го одржуваа минималното водство на Тулуз во почетните десет минути од вториот дел. Најдобрите ракометари во составот на Кретеј, Ремили и Чепреги со два брзи погодоци ја свртеа предноста во корист на својата екипа која во 42.минута поведе со +2, 22-24. До крајот и двете екипи наизменично се менуваа во водство, а Тулуз во финалните две минути влезе со позитива од 30-29. Виктор Алонсо израмни на 30-30, а Васко Шеваљевиќ беше непрецизен и не успеа да му осигура минимум бод на Тулуз. На спротивната страна стигна казната преку Серхио Де Ла Салуд кој во последните секунди донесе важна победа за Кретеј на гостувањето во Тулуз. Конечниот резултат гласеше 30-31 во корист на Кретеј.

Најпрецизни во победничкиот состав беа Ремили и Чепреги со 8 постигнати погодоци. Борко Ристовски натпреварот го заврши со скромни 4 интервенции. Во екипата на Тулуз најпрецизен беше црногорецот Шеваљевиќ кој постигна 7 гола, а го следеше Алваро со 5. Гоце Георгиевски одигра добар натпревар постигнувајки 4 гола од 5 обиди со 80% реализација од игра.