Македонските клубови ќе имаат место и во новоформирана Европска лига

Наследникот на Купот на ЕХФ, кој претстојната сезона за последен пат ќе се игра во ваков формат, ќе биде новоформирана Европска ракометна лига. Ова натпреварување ќе се игра во групи, а ќе настапат 24 екипи.

12 од нив ќе имаат загарантирано директно учество во групната фаза. Од нив шест места се за тимови од државите чии шампиони нема да имаат место во елитната ЛШ (со рејтинг под 10+), пет места ќе има за државите што се рангирани од прво до деветто место (второ или третопласирани во националните шампионати), како и едно место за државата која во последните три години дала најмногу освојувачи на ЕХФ Купот. Другите 12 ќе дојдат од квалификациите (4 тима ќе имаат загарантирано место во 2 коло, а 20 тима ќе играат во 1 коло).

Во Европската лига во женска конкуренција ќе има 16 тимови во групната фаза, од кои 4 ќе имаат загарантирано место во групите (за нациите рангирани од прво до четврто место). 8 тимови ќе имаат загарантирано место во 3 коло, исто толку во 2 коло, а 24 екипи ќе играат во 1 коло.

Наскоро би требало да биде објавен новиот рејтинг за распределба на местата во европските купови за сезоната 2020/2021, а тој ќе биде направен со збир на резултати на сите екипи од државите во сите купови, без сезоната што заврши пред неполн месец (2017/2018, 2016/2017, 2015/2016).