Македонскиот шампион поуспешен од Велење

„Црвено-црните“ повеќе од една седмица се во Крајнска Гора каде го одработуваат првиот дел од подготовките за новата сезона. Во рамките на подготвителниот период Вардар како прв тест го имаше натпреварот против Горење Велење. Словенечкиот вицепрвак се наоѓа на подготовки во истиот спортски комплекс и тоа беше шанса двете екипи да одиграат неколку пријателски дуели пред стартот на сезоната.

Во првиот натпревар кој се одигра вечерва со почеток од 17:30 минути, македонскиот првак минимално го совлада Велење со 27:26 и покрај тоа што Словенците имале предност на полувремето од два погодока 15-13. Ова беше прв настап за Тоскиќ и Брумен против својот поранешен клуб, a кај „црвено-црните“ во овој дел од подготовките недостасуваат уште централните бекови Карачиќ и Циндриќ.

Воедно според планот на подготовки Вардар ќе одигра уште еден тест меч против Горење пред враќањето во Скопје. Двата тима оваа сезона ќе се сретнат најмалку уште два пати во регионалната СЕХА лига.