Македонскиот шампион Металург го одбрани трофејот во Струга

Во тензичен и груб натпревар, типичен за скопските ривали, Металург извојува победа од 25-19 и го освои трофејот на 42-риот интернационалниот ракометен турнир „Струга 2014“.

Првото полувреме започна со 2 погодока на Вардар на кои возврати Борозан. Вардар беше во предност до 5-тата минута кога Липовина со својот  прв гол  го најави пресвртот и текот на натпреварот. Секој обид за враќање во игра, беше пресечен од одличната одбрана со нејзиниот предводник Коциќ.

Со серија од 4-0, македонскиот шампион оствари недостижна предност од 10-6 која ја зачува до крајот на првиот дел. По 30-минути игра Вардар заостануваше со четири погодоци, 8-12.

Вардар највеќе што можеше да направи е да ја намали разликата на средината на вториот дел на 17-15, но расположените Борозан, Вугринец и голманот Коциќ беа пресудни за нова победа, прва овосезонска за тимот од „Автокоманда“.

Финишот на второто полувреме од натпреварот помина во знакот на Ренато Вугринец, кој ги постигна клучните погодоци за неговиот тим и со 5 гола беше меѓу најефикасните на натпреварот.

Коциќ (Металург) е најдобар голман, Уго Деска (Кретеј) е најдобар стрелец, а за најдобар играч е прогласен Лука Циндриќ (Металург) на 42-то издание на интернационалниот ракометен турнир „Струга“.