Македонската сениорска ракометна репрезентација доби нов директор!

Утрешниот ден ќе го одбележи состанокот на управниот одбор на македонската ракометна федерација.

Претседателот, Живко Мукаетов во манир на одличен политичар наместо отчет пред јавноста, даде свое видување за настапот на македонската ракометна репрезентација во Полска преку интервју во еден од македонските спортски портали. Сè уште никој не ја понесе одговорноста за 11-то место во Полска, сè уште никој од федерацијата не одговори која е причината за слабиот настап на комплетната македонска репрезентација, сè уште никој не го лоцираше проблемот за надолната линија по која се движи формата на најквалитетниот македонски спортски колектив (5-то место Србија 2012, 10-то место Данска 2014, 11-то место Полска 2016).

Изминаа повеќе од дваесет дена, а конкретни идеи и решенија не слушнавме ниту прочитавме во „штурото“ интервју на лидерот на македонскиот ракомет. Затоа пак, утре ќе го запознаеме новото име во македонската репрезентација, утрешниот состанок ќе го даде името на новиот директор на машкиот сениорски колектив, Милчо Чакарески.

Чакарески е поранешен играч на Струга, Вардар, В.В. Тиквеш и Приштина каде ја заврши својата ракометна кариера и ја започна тренерската. Чакарески е успешен бизнисмен, помагател на македонската ракометна федерација, а со својата работа тој e вклучен и во ракометниот камп на Кирил Лазаров. Доаѓа на местото на д-р Никола Панчевски и ќе ја предводи машката селекција пред историскиот успех, квалификациите за пласман на Олимписките игри.

Македонија, како никогаш досега, чекори по најлесниот пат кон Рио, во групата со Полска и две неевропски земји, ќе ја бара својата шанса да се запише во спортската историја. По квалитет Чиле и Тунис далеку заостануваат зад Норвешка и Шведска, па во споредба со преостанатите два квалификациски турнира, Македонија има полесна задача. До Гданск има уште месец и половина, но формата и тимскиот дух ќе бидат ветерниците за ракометниот Дон Кихот, предизвик пред кој ќе треба да се покаже новиот директор.

Поглавјето од Полска е завршено за РФМ, затоа утре на состанокот на управниот одбор единствено ќе добиеме официјален одговор за новиот директор на македонската репрезентација. Му посакуваме голем успех, висок мотив, храброст и истрајност.