Македонската публика нема да го види Дејан Манасков

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков нема да биде дел од ростерот на Рајн Некар Лoвен за натпреварот од 8 коло во групата Б од Лигата на шампионите, кои „лавовите“ ќе го одиграат против Вардар во СЦ „Јане Сандански“.

Левото крило, кое не играше и на првиот меч во Фрнакфурт, не допатува со екипата Рајн Некар. Германскиот шампион попладнево пристигна во Скопје и ќе биде сместен во хотелот Мериот. Македонската публика, која лани го гледаше македонскиот репрезентативец во „црвено-црниот“ дрес, нема да има можност да го види повторно на теренот во „Јане Сандански„.

Манасков има настинка, и не беше во составот на последниот меч против Минден. Тренерот Јакобсен, како прва опција на левата крилна позиција го има ветеранот Гудјон Валур Сигурдсон, кој бележи одлични резултати во Бундес Лигата и во Лигата на шампионите.