Македонија ќе има репрезентација, но не и судии на домашниот Мундијал

Од следниот вторник Македонија ќе биде домаќин на најдобрите машки репрезентации од светот во кадетска конкуренција. Шампионатот кој ќе се одржува до 18 август, сепак, ќе мине без претставници од Македонија меѓу арбитрите.

Вторпат Македонија ќе остане без судии со оглед на тоа што единствените арбитри кои имаат ИХФ значка се Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Тие веќе една деценија се дел од најдобрите десет судиски двојки и се редовни на големите натпреварувања во сениорска конкуренција (Европски и светски првенства) и на Олимписките игри.

Ова е петто Светско првенство кое се одржува во Македонија, а второ на кое Македонија нема да има судии. На првото во 2003 година претставници беа Ацо Николовски и Душко Камишевски. Тогаш тие го судеа финалот на Мундијалот во женска конкуренција.

Потоа во 2007 година (Машко јуниорско првенство) и во 2008 година (Женско јуниорско првенство) Ѓорѓи Начевски и Славе Николов беа на теренот и ја делеа правдата.

Сепак, во 2014 година кога се одржуваше Светското првенство во кадетска женска конкуренција Македонија немаше судии, а исто ќе биде и сега што значи дека нема да има кандидати од Македонија кои би биле во трка по главните мечеви на 17 и 18 август.