Македонија ја помина првата контрола: Израел поразен на првиот пријателски натпревар

Очекувано Македонија ги стартуваше подготовките за Катар 2015 со првата победа, противникот Израел е далеку под нивото на репрезентациите од Светското Првенство, но е добра лекција за воигрување и подигнување на атмосферата пред Катар.
Во неизвесно прво полувреме каде играта гол за гол беше главна карактеристика, Обрван се обиде со нови варијанти во нападот и одбраната со Недановски и Никола Марковски во нападот, а потоа Стојанче Стоилов во одбранбената формација, со цел да ги редуцира измените од одбрана во напад. Ракометарот на Вардар и во минатото играше на централната позиција во репрезентацијата но овој пат доби малку поинаква задача со почести излегувања во средината на девете метри.
По 30 минути игра Македонија имаше два гола предност 20-18, пред се благодарение на лошо организираниот напад на Израелците во последните пет минути од полувремето.
Во второто полувреме Македонија го постигна првиот погодок за зголемување на водството, кое во 39-та минута со головите на ветераните Ренато Вугринец, Златко Мојсовски и Ванчо Димовски изнесуваше шест голови предност 27-21.
Ракометарите на Израел не се предадоа, во 41-та минута го намалија водството на Македонија на два гола, 27-25. Стелман на 15 минути пред крај на натпреварот ги донесе Израелците на минимален заостаток од еден гол 29-28. Првото израмнување во второто полувреме се случи во 47-та минута, кога по грешка на македонскиот напад, левото крило на израелската репрезентација од брз контра-напад го изедначи резултатот на 30-30. До крајот на натпреварот шанса добија сите ракометари од клупата на Македонија, единствено Младиот Талевски не се запиша во листата на стрелците.
По 60 одиграни минути Макеоднија-Израел, 39-37.
Најпрецизен во македонската репрезентација беше Георгиевски со седум, а Кирил Лазаров и Ренато Вугринец постигнаа шест погодоци.Кај ракометарите на Израел Кофман постигна седум погодоци.
На овој натпревар забележлив беше ревијалниот карактер и односот на македонските ракометари кои во желба да ја израдуваат малубројната публика во салата често правеа грешки.
Утре ќе се одигра вториот подготвителен натпревар на Македонија против истиот противник, но зад затворени врати во СЦ “Јане Сандански”