Македонија ја имаше Црна Гора, но гостинките се израдуваа на победа

Женската сениорска репрезентација на Македонија загуби со 21:22 од селекцијата на Црна Гора на првиот контролен дуел после големо надигрување кое траеше 60 минути. Победникот беше решен на 10 секунди до крајот откако Деспотовиќ го постигна голот за победа, а Македонија во последните 11 минути не успеа да постигне ниту еден гол за да може да се надева на нешто повеќе од овој натпревар.

Од стартот на средбата се тргна со неизвесност. Имаше менување во водството, но ниту една репрезентација не успеваше да дојде до поголема предност. И на двете страни најголемата разлика беше два гола.

Македонија имаше свои моменти. Успеваше да најде простор за шут најчесто преку шутеви од зад линијата од девет метри. Елена Ѓеорѓиевска, Марија Штериова и Душица Ѓеорѓиевска беа ракометарките кои најчесто го загрозуваа голот на противникот.

Во одбраната одлично се снаоѓаа сите, а добра поддршка имаа и од Матеја Серафимова на голот која во првиот дел имаше осум интервенции. Сепак, не беа искористени сите шанси за да се дојде до предност, па на одмор се замина со нерешени 13:13.

Вториот дел почна со подобра игра на Македонија. Одбраната одново функционираше, а она што беше интересно дури и во ситуација кога на теренот имаше ракометарка помалку противничките се снаоѓа слабо и многу често ја губеа топката. Тоа овозможуваше Македонија постојано да биде во предност во текот на второто полувреме. Постојано беше гол до два, а првпат беа обезбедени три гола во 49. минута при 21:18.

Следуваше криза до крајот на средбата во која никако не можеше да се реализира. Притоа беше промашен и удар од седум метри и уште еден два чисти удари поради што беше и загубен мечот. Црногорките не беа предобри во нападот, но успеаја да го искористат просторот и да казнат за да дојдат до триумф. На крајот беше 21:22, па Македонија ќе се обиде утре да врати за денешниот загубен дуел.

Елена Ѓеорѓиевска со седум гола беше најефикасна во репрезентацијата на Македонија. Зад неа со по пет гола останаа Штериова и Гакидова. Стрелецот на решавачкиот гол на средбата Јелена Деспотовиќ беше најефикасна кај Црногорките со девет погодоци.

Утре средбата се игра од 12 часот исто така во Автокоманда.