Македонија ја заврши екскурзијата во Исланд, на ред се промени!

Нов квалификациски циклус, нов дебакл, повторно пад на рејтингот на репрезентативниот женски ракомет. Сето она што генерации квалитетни ракометарни имиња го оставиле како наследство, ја загуби вредноста со неодговорниот пристап кон светите бои на репрезентативниот дрес.
Ситуацијата во женскиот ракомет е веќе позната, жртвени јагниња многу, а селекторската фотелја место за експериментирање. Директна последица – резултатите се сѐ полоши.
Во минатото секогаш се радувавме на квалификациските циклуси, бидејќи Македонија беше таа која нижеше двоцифрени победи, а потоа како редовен учесник на големите настани често ги прескокнувавме квалификациите, за  денес да стравуваме од репрезентации со далеку послаб рејтинг од нашиот. По поразите од Италија, се вклучи алармот во репрезентацијата, а некои љубители на ракометот се запрашаа зошто сеуште треба да се натпреваруваме за место на европските (светските) првенства.
Последниот дебакл од репрезентацијата на солидниот Исланд во Рејкјавик со огромни десет голови предност го отвора прашањето, дали можеби промените треба да ги затресат останатите раководни фотелји кои секогаш ја префрлаат вината на селекторот. Токму тие структури се директно виновни за лошата состојба на женскиот ракомет (преку непродуктивни и неуспешни обиди за натурализирање – чекор кој е неопходен за подигнување на квалитетот, неуспешна промоција на женскиот ракомет ширум територијата на Македонија, лошо организирани подготовки, избор на селектор и индиректно на ракометарки…).
Додека ракометна Европа се подготвува за Европското првенство во Хрватска и Унгарија, македонските ракометарки ќе бидат само декор на трибините во подршка на колешките од своите клубови, а на нас ракометните љубители останува да се надеваме во бајката на Црна Гора и да веруваме дека популарноста на клупскиот ракомет ќе се излее во квалитетна и талентирана млада ракометна надеж.
Не би било чудно што македонскиот женскиот ракомет се развива (или назадува) на овој начин, но земјата кој има еден клуб освојувач на Лигата на шампионите, репрезентација која редовно се пласирала во Топ 8 репрезентации на Европските и Светските првенства, сигурно тоа не го заслужува. Со последните резултати се нарушува реномето и почитта која Кастратовиќ, Радуловиќ, Нацева, Наумовска, Велкова, Платон и соиграчките ја градеа во едно многу потешко ракометно време. Денес кога Македонија ги има сите услови за тренирање и играње ракомет, кога Скопје е седиште на еден од најквалитетните клубови во светот, кога имаме можност секоја недела да ги гледаме најдобрите светски ракометарки, Македонија го забележа најлошиот резултат во поновата историја.
На женскиот ракомет му е потребен визионер, стратегија и истрајни луѓе кои нема да ја сфатат својата функција како хоби туку како работа, на Македонија и се потребни нов Трифун Костовски, нов Богдан Маковеј, нова свежа крв, која ќе им ја врати самодовербата на ракометарките и ќе го вратат женскиот ракомет на вистински патеки, пред да ги потрошиме сите селектори и „експерти“.