Македонија ЃП со три бода се врати од Струмица

Дерби дуелот во Групата 2 меѓу Астраион и Македонија Ѓорче Петров донесе интересен ракомет, а беше одлучен во завршницата и за победникот решаваше само еден гол. И двете екипи имаа свои моменти, но главно одбраната доминираше и на двете страни. Гостите беа во мала предност во првиот дел кој го добија со 7:6, а ниту еден од тимовите не успеа да стигне до поголема предност од еден гол.

Во вториот дел Астраион поведе со 11:9, а два гола позитива имаше со 14:12. Тука гостите дојдоа до серија од 4:0 и направија пресврт. Тие поведоа со два гола и ја одржуваа оваа предност до 19:17. Тогаш домашните израмнија на 19:19, но во завршницата гостите беа поконцентрирани и успеаја да ги освојат трите бода кои се многу значајни во трката за место во плеј-офот.

На триесетина секунди до крајот, пенал за гостите, сигурен реализатор беше искусниот Антонио Апостоловски, за голема радост на ѓорчевци.

АСТРАИОН – МАКЕДОНИЈА ЃП               19:20 (6:7)

Сала: „Парк“ во Струмица. Гледачи: 1000. Судии: Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески од Прилеп. Делегат: Илија Цветкоски од Прилеп.

АСТРАИОН: Гогов, Перовановиќ, Аговски, Нурев, Ефтимов, Велков 2, Партинов, Беџовски, Катранџиев 2, Каркалашев, Касапов 3, Кочев, Котевски, Стојанов 3, Ончев 5, Стојанов 4.

Седмерци: 3/6, Исклучувања: 4 мин.

МАКЕДОНИЈА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Трпевски, Огњановски, Тркалевски 1, Вељановски 4, Стефановски, Крстевски, Палковски 2, Апостоловски 2, Николовски 1, Марковски, Василевски, Велковски 3, Митовски, Ѓорѓевски 7, Левевски.

Седмерци: 7/8, Исклучувања: 12 мин.