Македонија убедливо до втор триумф против Италија

Репрезентацијата на Македонија забележа уште една победа на контролните средби против Италија во рамки на ЕХФ-неделата, а денеска триумфот беше поубедлив отколку на првиот меч. Македонија ја совлада Италија со 29:21 со што уште еднаш беше покажан напредок во формата кај ракометарките.

Слично како и на вчерашната средба и денеска Италија го зададе првиот удар на средбата. Поведе со 2:0, но сега оваа предност траеше само до 6. минута кога Македонија преку Гакидова и Ристовска успеа да израмни на 2:2.

Следуваше кратко надигрување со гол за гол, а веќе во 8. минута дојде првото водство за Македонија од 5:4. Италија успеа да израмни на 6:6, но тоа беше последен пат на средбата гостинките од Италија да имаат активен резултат.

Веднаш после ова следуваше многу подобра игра во одбраната. Бековите на Италија се држеа на дистанца и лесно се доаѓаше и до пресекување на акциите на противникот, а тоа носеше простор за добра организација на нападот и до простор за реализација.

Ваквата игра донесе до отворање на простор за зголемување на разликата која после 22. минута почна да се зголемува и првпат беа обезбедени и четири гола при 13:9 (25. минута), па до крајот на првото полувреме се дојде и до 17:12 за убав одмор и подговка за вторите 30 минути.

Во вториот дел брзо беа обезбедени седум гола. Со два гола на статртот на вторите 30 минути се дојде до 19:12 и потоа се чуваше оваа разлика која продолжи да се зголемува, а на почетокот на последните десет минути се дојде и до плус девет, 26:17.

Ова отвори простор за да им се даде шанса и на помладите во тимот. На теренот се најдоа сите кои беа повикани за овој собир и сите покажаа дека го заслужуваат местото. Влегоа храбро во минутите кои ги добија и успеаја да ја зачуваат високата предност.

Во последните десет минути Македонија играше со Петковска на голот и со Гајиќ, Боризовска, Гичевска, Арсениевска, Тасевска и Николиќ.

Утре сениорките ќе имаат уште еден натпревар, а ќе спарингуваат со младинската репрезентација. Средбата се игра во Автокоманда од 16 часот.

МАКЕДОНИЈА – ИТАЛИЈА         29:21 (17:12)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

МАКЕДОНИЈА: Серафимова (4 одб.), Петковска (4 одб.), Гакидова 4, Д. Ѓорѓиевска, Боризовска, Тасевска, Е. Ѓорѓиевска 4, Николиќ 1, Јаневска 3, Јовановска, Арсениевска 1, Ристовска 7, Саздовска 4, Гајиќ 2, Гичевска 1, Штериова 2.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 4 мин.

ИТАЛИЈА: Ферари (5 одб.), Менегин (2 одб. 2 сед.), Георге 4, Дала Коста 2, Ротондо 1, Дел Блазо 1, Лосио 3, Капељарио 2, Ди Пјетро 1, Наполетано 2, Лаурети 1, Баби, Фантон 3, Ландри 1, Касале.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 4 мин.