Македонија со реми ја отвори новата година

Македонската ракометна репрезентација престојува во Словенија каде денес и утре ќе одигра два контролни натпревари во рамките на подготвителниот период за Европското првенство во Полска.

Македонската селекција вечерва во Кршко ремизираше со избраниците на Веселин Вујовиќ со резултат 28-28. Како што соопштуваат колегите од Словенија, првите десет минути изминале во тактичко надмудрување и двете селекции успеале да постигна само по еден погодок. Клучен период била средината на првиот дел која им припаднала на домаќините со резултат 7-3. Словенците ја зачувале разликата до крајот на првиот дел за конечни 13-10 по првите триесет минути.

Почетокот на вториот дел, репрезентацијата на Македонија го искористила да се доближи до водството на противникот, кое до 40-та минута изнесувало минимални 18-17 за Словенија. Во средината на вториот дел Македонија го изедначила резултатот, а веднаш потоа за прв пат во вториот дел имала предност која достигнала два погодока, но Словенците не дозволиле да продолжи налетот на гостите. Одличниот словенечки голман во 51-та минута му овозможил на Гашпер Маргуч повторно да обезбеди минимално водство за домаќините, а речиси до самиот крај на натпреварот Словенија ја имала контролата врз резултатот. Во последната минута избраниците на Вујовиќ влегле со два погодока предност, но Македонија преку два удари од седум метри го изедначила резултатот.

На десет секунди до крајот на натпреварот Вујовиќ повикал тајм-аут, а во продолжение Македонија успеала да се одбрани за конечни 28-28.

Македонија утре во Целје ќе го одигра вториот контролен натпревар против Словенија, дуелот е на распоред од 18:30 минути со директен пренос на словенечката национална телевизија.

ФОТО:ПЕТАР ШИМЛЕША