Македонија со победа над Швајцарија, најави интересен меч против Чешка

Македонската ракометна репрезентација со триумф од Швајцарија се враќа во Скопје каде ги очекува клучниот натпревар против репрезентацијата на Чешка за пласман на ЕП 2016 во Полска. На Македонија доволен и е нерешен резултат од последниот квалификациски натпревар за да го завери билетот за Полска.
Победата на Франција во натпреварот кој заврши непосредно пред почетокот на мечот во Сент Гален, и дозволи на селекцијата на Ивица Обрван опуштено и без резултатски императив да влезе во дуелот со Швајцарија. На Македонија и недостасуваше најпрецизниот ракометар, капитенот Кирил Лазаров, кој во игра влегуваше само за ударите од линијата на седум метри. Затоа Митков во првото полувреме одлично ја пополни десната бековска позиција, особено во периодот кога Македонија го создаде највисокото водство во првиот дел.
Неизвесниот вовед во натпреварот по првите шест минути, Македонија го искористи за да ја создаде првата предност од пет погодоци. По два погодока на Митков од игра и Лазаров од пенал линијата, ги заокружи Дејан Манасков за највисоките пет погодоци 3-8 во 16-та минута. Гоце Георгиевски со својот втор гол ги постави највисоките осум голови предност на четири минути до крај на првиот дел 6-14. Граубнер по истекот на времето за игра од слободен удар на линијата од девет метри со помош на македонскиот блок ги постави конечните 8-15.
Вториот дел беше само рутина за искусните македонски ракометари. Швајцарците се обидуваа да го ублажат високото водство на Македонија, но најблиску до резутатот беа во 37-та минута на пет погодоци разлика. Филип Лазаров во 53-та минута ги постави највисоките девет погодоци предност за Македонија, 15-24, а шанса да играат добија сите македонски репрезентативци. Токму Филип Талески стави точка на натпреварот со својот прв погодок на истекот на шеесетата минута за конечни 17-26.
Најпрецизен на натпреварот беше Кире Лазаров кој од линијата за седум метри погоди пет пати, по него Митков и Стоилов постигнаа по четири голови, а Филип Миркуловски беше прецизен три пати. Во домашниот состав Шмид и Кутел беа стрелци на по четири погодоци.
Во недела од 17:45, македонските навивачи ќе имаат можност во спортскиот центар „Борис Трајковски“ да им дадат мотив и поддршка на македонските репрезентативци за победа во клучниот натпревар против Чешка.