Македонија со моќен почеток во СЕХА: Вардар и Еурофарм Работник тргнаа како лидери (ФОТО)

Првото коло од СЕХА лигата е комплетно, а шампионот и вицешампионот на Македонија котираат високо. Вардар во Групата А, Еурофарм во Групата Б гледаат од високо бидејќи во првото коло ги имаат најубедливите победи во своите групи и се предводници на своите противници.

Табелите во двете групи се прекрасен показател за македонскиот ракомет. За Вардар беше сосема очекувано да ја предводи Групата А каде што е и фаворит, а за Еурофарм Работник ова е можност за да ужива високо во група каде што се и шампионите на Хрватска, Унгарија и Белорусија.

Оттаму Еурофарм Работник е пред Загреб, Веспрем и Мешков Брест, екипи кои се фаворити во групата. Сепак, додека не дојдат пресметките во кои тимот на Еурофарм ќе се соочи со овие ривали го има врвот и е пред нив и ова е момент кој треба да биде одбележан.