Македонија поуспешна во балканскиот дуел: “Злато” вредна победа против Босна и Херцеговина

Во првиот балкански дуел од групата Б, нашата репрезентација успеа да слави против Босна и Херцеговина со 25-22 (13-11) со што ја продолжи успешната серија од три победи во три одиграни натпревари и го завери пласманот во осминафиналето. Како и што се очекуваше Босна се покажа како извонредно тежок ривал кој доста го намачи нашиот состав да дојде до нова победа. Радува тоа што и покрај индиспонираноста на капитенот Лазаров на овој натпревар (постигна само 3 погодоци од седум метри), другите ракометари ја преземаа играта во свои раце и ја носеа Македонија до мошне важна победа. Уште една фантастична партија на Дејан Манасков кој со 6 погодоци беше лидер на нашата репрезентација, а Немања Прибак покажа како треба да се бори за “црвено-жолтиот”дрес постигнувајки голови кога се решаваше натпреварот.

Македонија-Босна 25-22 (13-11)

Нашата репрезентација фуриозно со 4-0 серија го започна овој натпревар. Лазаров ја отвори а Никола Марковски ја затвори серијата во 7 минута. “Црвено-жолтите” одлично покриваа во одбраната а за тоа говори и фактот дека босанците цели 8 минути немаа постигнато гол. Торомановиќ погоди за 4-1, а Миркуловски и Манасков со два гола во серија го донесоа нашето највисоко водство од +5, 6-1 по 11 минути игра. И наместо да продолжиме во ист ритам, следуваше голем пад во играта на нашиот национален тим. Босанскиот голман Буриќ беше одличен на голот кој одбрани доста тешки топки посебно на нашиот капитен Лазаров. Почнавме премногу да грешиме во нападот, каде цели осум минути не можевме да реализираме а Босна тоа го казни на најдобар можен начин израмнувајки на 6-6 на десетина минути до крајот на првиот дел. Лазаров го скрши малерот постигнувајки гол од девет метри а добрата игра која ја имавме во периодот кој следуваше ја крунисавме со вториот гол на Мојсовски за 11-8. Предноста од +3, 13-10 со вториот гол на Георгиевски ја одржувавме до последните секунди од првото полувреме, кога Фарук Вражалиќ успеа да погоди на четири секунди до крајот за конечни 13-11 во корист на нашата репрезентација.

borko

Босна добро го започна второто полувреме и по само три минути игра успеа да израмни на 13-13. Нашите ракометари играа конфузно во поголемиот дел од второто полувреме. И покрај големиот број на технички грешки и индиспонираниот Лазаров сепак успевавме во тој период од натпреварот да одржуваме егал. Во 42 минута Вугринец не успеа да реализира седмерец, а на спротивната страна Сењанин Буриќ го донесе првото водство за Босна, 17-18 во 43 минута. Следуваше најтешкиот период за нашата репрезентација кој се чини беше пресуден да успееме да дојдеме до победата на овој натпревар. Во моментите кога на теренот имавме двајца ракометари помалку (Јоновски и Стоилов) преку Вугринец и Прибак успеавме да постигнеме два погодока а да не примиме ни еден. Тоа им даде дополнителна мотивација на “црвено-жолтите” да стигнат до толку посакуваната трета победа во Катар. Прибак одлично ја одигра својата улога и беше вистински џокер на натпреварот постигнувајќи злато вредни голови кои се покажаа пресудни. Токму Прибак со својот втор гол зголеми на +2, 20-18, а Лазаров со удар од седум метри донесе три голови позитива 22-19 на осум минути до крајот. Во последните минути одигравме доста поконцентрирано во одбраната принудувајки ги босанците на технички грешки, Ристовски беше одличен на голот, а точка на натпреварот стави Немања Прибак за конечни 25-22.

Најзаслужен за третата победа на Македонија на СП во Катар беше Дејан Манасков кој успеа да постигне 6 голови, а Прибак и Лазаров беа стрелци на три.

Играч на натпреварот: Дејан Манасков (6 погодоци)