Македонија поразена во првиот пријателски натпревар во Подгорица

Репрезентацијата на Црна Гора по дебаклот кој го доживеаа на Олимписките игри во Рио, повторно се собра за пријателските дуели со Македонија во рамките на неделата на ЕХФ. Во двете репрезентации недостасуваа неколку стандардни ракометарки, но и покрај тоа Црна Гора во првиот од двата дуели, кои се играат во Подгорица славеше со резултат 31-24 (15-10).
Македонската репрезентација на самиот почеток имаше минимална предност пред домаќините, но серијата од 5-0 им овозможи на Црногорките комотно водство. Ниту тоа не беше гаранција за сигурен финиш за ракометарките на Аџиќ. Македонија во средината на првиот дел се приближи на само еден гол негатива, сепак техничките грешки во македонските редови им овозможија на репрезентативките на Црна Гора да создадат нова низа од пет невозвратени погодоци за највисоката предност во првиот дел од 15-9. Ракометарките на Симовски ставија точка на првите триесет минути за конечни 15-10.

По паузата македонската селекција започна да тоне, на стартот на вториот дел одличните Црногорки имаа високи девет голови предност (22-13), која му овозможи на црногорскиот селектор Аџиќ да ги внесе во игра и оние ракометарки со помало искуство. Тоа го искористи македонскиот состав да ја намали високата предност која на крајот на натпреварот изнесуваше седум погодоци 31-24.

Вториот пријателски дуел меѓу Македонија и Црна Гора ќе се одигра денес но овојпат во најголемата спортска сала во Подгорица, СЦ „Морача“. Почетокот на натпреварот е закажан за 18:30.

Црна Гора – Македонија 31:24 (15:10)

Црна Гора: Рајчиќ (11 одбрани), Ненезиќ (2 одбрани); Ујкиќ 7, Раичевиќ 4, Премовиќ, Кликовац 4, Павичевиќ, Лазовиќ 2, Јауковиќ 3, Тошковиќ 2, Маловиќ 3, Деспотовиќ, Мехмедовиќ 4, Аговиќ 2.

Македонија: Петковска (5 одбрани), Серафимовска (6 одбрани), Белмезова; Стојановска, Гакидова 1, Митова 1, Дабевска, Белеска 1 (1), Десподовска 1, Нолевска 4 (1), Ѓорѓиевска 2, Николиќ, Керамичиева 9, Јовановска 1, Мишевска, Ливриниќ 1, Саздовска 3.