Македонија пак загуби од Германија во Бугојно, финишираше на 4. место

Кадетската репрезентација на Македонија одигра далеку подобра средба против Германија отколку на стартот на турнирот во Бугојно, но не успеа да забележи победа и заврши со пораз од 23:24. На тој начин финишираше на 4. позиција.

Македонија имаше добар старт на средбата. Тргна добро и брзо дојде до предност од два гола. Сепак, после 4:2 работите се сменија, а Германците со три гола по ред стигнаа до водство. Ова им овозможи долго да бидат во позитива од гол до два, а новото израмнување дојде во 20. минута при 8:8.

До крајот на првиот дел резултатот беше постојано тесен, а на одмор се замина со 11:11.

Вториот дел одново донесе подобра игра од Македонија. Во 41. минута водството беше изразено со четири гола. Македонија имаше 17:13 и резултат кој даваше убава најава за продолжението. Сепак, кога требаше да се продолжи во ист стил и да се дојде до мирна завршница следуваа неколку грешки во нападот, а тоа Германците го казнија и направија пресврт.

Откако поведоа знаеја како да издржат до крајот од натпреварот. Го зачуваа водството, а Македонија не успеа да се врати. Имаше напади за да може да дојде до подобар резултат, но имаше и грешки, па на крајот поразот беше минимален, 23:24 со што на крајот од турнирот е освоено 4. место.

МАКЕДОНИЈА – ГЕРМАНИЈА                23:24 (11:11)

МАКЕДОНИЈА: Петковски (7 одб.), Василевски (2 сед.), Ѓорѓиев, Ќосевски 1, Митиќ 1, Карапалевски 2, Божиновски, Серафимов 5, Симоновски 7, Костески 5, Младеновиќ 1, Џигероски, Стојков, Мелоски, Гајиќ, Кондев 1.