Македонија од третиот шешир ќе ги дознае противниците на СП во Франција

Македонската машка ракометна репрезентација во бараж дуелот за пласман на СП во Франција 2017 беше подобра од Чешка со што ја продолжи низата на настапи на големите ракометни натпреварувања.

По пласманот на СП следен чекор е да се дознаат ривалите во Франција, а Македонија исто како и пред две години ждрепката ќе ја започне од третиот шешир. Во него се наоѓаат и репрезентациите на Шведска, Русија и Белорусија со што автоматски овие репрезентации не можат да бидат противници на Македонија во групната фаза.

Носители во првиот шешир ќе бидат актуелниот светски првак Франција, европскиот и азискиот првак-Германија и Катар, како и финалистот од ЕП-репрезентацијата на Шпанија.

Панамериканскиот ракометен шампионат кој се уште е во тек треба да даде уште три учесници на СП во Франција, а последнaта репрезентација своето право на учество ќе го обезеди преку вајлд карта која ја доделува ИХФ.

Светското првенство во Франција ќе се одржи од 11 до 29 јануари, на кое домаќини ќе бидат осум француски градови. Ждрепката за формирање на групите на СП пак ќе се одржи на 23 јуни (четврток) во Париз.

ШЕШИР 1: Франција, Германија, Катар, Шпанија.

ШЕШИР 2: Хрватска, Словенија, Данска, Полска.

ШЕШИР 3: Шведска, Русија, Белорусија, Македонија.

ШЕШИР 4: Унгарија, Исланд, Египет, Пан Америка 1.

ШЕШИР 5: Тунис, Бахреин, Јапонија, Пан Америка 2.

ШЕШИР 6: Ангола, Саудиска Арабија, Пан Америка 3, вајлд-карта.