Македонија добива четврти различен тим во СЕХА, Еурофарм Работник ќе дебитира во Битола

Екипата на Еурофарм Работник од денеска се вклучува на списокот на тимови кои играле во СЕХА-лигата. Овој клуб станува четвртиот од Македонија кој ќе игра во регионалното натпреварување и кој ќе се обиде во оваа сезона да се избори за високо место.

За Вардар ова ќе биде деветта сезона во СЕХА лигата и тоа е еден од четирите тима кои се дел од натпреварувањето од неговиот почеток. Металург има седум сезони, а Зомимак М има една. Сега Еурофарм Работник добива свое место така што списокот се зголемува.

Најмногу различни тимови во СЕХА досега имала Србија, вкупно седум, така што сега Македонија се искачува на 2. место со четири различни учесници.

Годинава првпат се играат две групи, a Вардар и Еурофарм Работник нема да можат меѓусебе дури до елиминациите во февруари. Битолчани денеска стартуваат против уште еден дебитант, Спартак Москва, а средбата почнува од 20:45 часот.