Македонија го стартуваше квалификацискиот циклус со победа

Швајцарија не беше сериозна пречка за македонската репрезентација која со победа од 27-20 ја стартуваше квалификациската фаза за Европското Првенство во Полска 2016.
Првото полувреме го одбележаа 7-те погодоци на нашиот капитен Кирил Лазаров. Натпреварот го отвори Кире Лазаров од првиот пенал на натпреварот, но одличниот централен бек Шмит го израмни резултатот. По првите пет минути Македонија имаше два гола предност, а во 20-та минута Прибак ги постави највисоките 9-5. Швајцарците успеа до 27-та минута да намалат на само два гола 10-8, но Лазаров и Стоилов и овозможија комотна предност на Македонија на полувреме од 12-8.
Вториот дел започна фуриозно за Швајцарија, одлична 3-0 серија ја доведе гостинската екипа на само гол заостаток 12-11. Во продолжение македонските ракометари ги разрешија сите дилеми околу победникот. Со одлична серија од 7-1 предводена од Кирил Лазаров, домаќините ја направија решавачката разлика од 18-12 за мирен финиш на натпреварот. Капитенот на Македонија со гол од пенал го затвори резултатот на конечни 27-20.
Кирил Лазаров беше убедливо најефикасен ракометар на натпреварот со 13 погодоци. Македонија, на 2 ноември, во недела гостува во Злин на решавачкиот натпревар за пласман на првите две места во квалификациската група, а противник е репрезентацијата на Чешка, мечот започнува во 13:30.