Македонија го направи невозможното: Со гол во последната секунда обезбеди бараж за СП!

По победата над Фарски Острови и поразот од Австрија, женската ракометна репрезентација славеше над Исланд со 27:20 во рамките на натпреварот од третото коло на квалификацискиот турнир во Торшавн. Иако малку кој веруваше, сепак Македонија ќе игра во баражот за пласман на Светското Првенство во Германија следната година. Со оваа победа во кругот од три селекции со по една победа и пораз, Македонија сигурно е на едно од првите две места во групата.

Избраничките на Симе Симовски отворија добро со водство од 5:1, а на половина на првиот дел со голот на Сара Ристовска, Македонија стигна и до посакуваните 7 голови предност, 11:4. Исланд ги консолидира своите редови и намали на 11:7 по 20 минути игра, а серијата на островјанките продолжи и до 11:9. Македонските репрезентативки правеа грешки во нападот, па Исланѓанките казнуваа од брзи контри. На пауза се замина со предност од 15:11 за Македонија со голот на Керамичиева.

Во вториот дел македонските репрезентативки го контролираа натпреварот, во 42 минута имаа предност од 20:15. Исланѓанките играа без голман, но одбраната на чело со Антиќ беше фантастична, па Ѓорѓијевска погоди на празен гол за 24:16. Исланд намали на 24:18, но потоа на сцена стапи Јована Саздовска, која со два гола во клучните моменти повторно ја крена разликата на 26:18. Противникот на стартот на последната минута успеа да намали на 26:20. На триесетина секунди до крајот, Симовски побара тајм-аут, а откако беше досуден фаул над една од нашите репрезентативки, Елена Ѓорѓијевска без многу размислување упати удар, кој заврши во исландската мрежа за конечна победа со 27:20 и пласман на Македонија во баражот.

Најдобра во македонскиот состав беше Сара Ристовска со 10 голови, капитенот Ѓорѓијевска даде 5, колку што даде и Керамичиева, а Јована Саздовска имаше 4. Огромен придонес во победата на Македонија имаше и чуварот на мрежата на нашата репрезентација – Наташа Антиќ. Противник на Македонија во баражот за СП, ќе биде некоја од селекциите кои во моментов играат на ЕП во Шведска.