Македонија го доби двобојот, но Исланд замина со бод од Скопје

Македонија и Исланд одиграа нерешено, 24:24 на вториот дуел со што нашата селекција го има во своја корист двобојот со Исланѓаните. Има подобар дуел и доколку работите до крај одат позитивно тогаш пласманот на ЕП не би требало да биде никаков проблем. Победата беше испуштена, но и ремито е позитивно после еден тежок дуел со Исланд.

Стартот на средбата мина во знакот на гостите. Тие поведоа рано и успеваа 15 минути да ја одржуваа разликата од гол до два. Оваа предност им даде можност да го диктираат темпото, но така беше сè првото исклучување на средбата. Откако на клупата седна ракометарот од Исланд, Олафур Густафсон сосема јасно беше дека ќе дојде до некаква промена.

Македонија го искористи играњето со играч повеќе и успеа да се избори за пресврт. Од 5:7 стигна до 8:7, а потоа овој гол го чуваше неколку минути за во 20. минута да поведе и со 10:8. И кога требаше да се казни противникот за некои грешки и да дојде до предност од повеќе голови се случи криза во нападот. Таа криза резултираше со десет минути играње без погодок што допринесе за на одмор да се замине со негатива од 10:11.

Вториот дел од средбата почна со проблеми. Немаше простор за да се дојде до рано водство бидејќи после израмнувањето на 11:11, Исланд ја презеде контролата и стигна до плус три. Овие три гола успеваше лесно да ги одржи во своја корист до 44. минута (15:18). Македонија намалуваше на два гола, но не можеше повеќе.

И кога беше најпотребно да се крене ритамот тогаш одбраната почна да ги затвора приодите кон голот на Ристовски. Една пресечена топка, една одбрана, едно изнудено пробивање… сите тие казнети со погодок овозможија во 47. минута сè да тргне од почеток. Тогаш Македонија израмни на 18:18, серијата продолжи до 20:18. Македонија имаше пет, а Исланд ниту еден за шест минути игра.

На почетокот на последните десет минути работите веќе беа под контрола на Македонија. Ја имаше предноста од еден гол, но успеваше и да зголеми на два. Сепак, работите не се движеа во посакуваниот правец бидејќи два непрецизни шута во нападот овозможија на три минути до крајот Исланд да биде селекцијата со предност од еден гол. Затоа тука беа Лазаров и Манасков и одличната игра во одбраната кои за 60 секунди одново ја вратија Македонија во предност од еден гол. На почетокот на послесните 120 секунди Македoнија имаше 24:23.

Последните 60 секунди, сепак, беа со драма. Борко Ристовски успеа да одбрани, а во нападот имаше избрзан шут. Лазаров имаше позиција, но неговиот шут заврши со одбрана на Халгримсон. Тоа се случи на 35 секунди до крајот, а Исланд ја чуваше топката до три секунди до крајот кога Јонсон погоди за 24:24. Брестовац побара тајм-аут, но од него немаше ефект. Иако после акцијата Манасков погоди, времето беше истечено, па на крајот двете екипи мораа да се задоволат со реми од 24:24.

МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД          24:24 (10:11)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 7000. Судии: Зимар Шондор и Ренар Лицис од Летонија. Делегат: Јанко Пожежник од Словенија.

МАКЕДОНИЈА: Ристовски 1 (14 одб.), Митревски, Манасков 4, Стоилов, Димитриоски, Лазаров 8, Талески 4, В. Маркоски 1, Н. Маркоски, Кузмановски 2, Танкоски, Георгиевски 2, Поповски, Пешевски 2, Кукоски, Серафимов.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 2 мин.

ИСЛАНД: Халгримсон (10 одб.), Бјоргвинсон (1 сед.), Палмарсон 3, Елисон, Сигурдсон, Гисласон 2, Гудмундсон 2, Магнусон 8, Ингасон, Гунарсон 3, Густавсон, Арнарсон 1, Гудјонсон, Јонсон 5, Ејнарсон, Смарасон.

Седмерци: -, Исклучувања: 4 мин.