Македонија во Злин без Кузмановски, Червар им се заблагодари на уште двајца репрезентативци

На четири дена пред првиот бараж-дуел против Чешка, селекторот Лино Червар направи уште едно кратење на репрезентативниот список. За тројца ракометари репрезентативниот стаж ќе биде во мирување, Дарко Димитриевски, Мартин Томовски нема да бидат дел од бараж дуелите, додека неизвесен е и Филип Кузмановски, кој ќе го пропушти првиот меч против Чешка во Злин, а под знак прашалник ќе биде оној возвратниот во Скопје. Македонскиот репрезентативен бек имал проблеми со грбот поради кои не можел да даде 100% на тренинзите, по направените тестови се покажало дека повредата не е сериозна, но мора да се третира со терапија и да мирува најмалку во наредните три дена. Доколку се биде во ред, Кузмановски ќе се врати во репрезентацијата од понеделник.

Попладнево пристигна Филип Миркуловски, а утре македонскиот сениорски состав за прв пат во овој квалификациски период ќе тренира комплетен.

Селекторот Червар пред една седмица го направи првиот рез и им се заблагодари за својот ангажман на ракометарите од поширокиот список: Мартин Манасков, Стефан Дрогришки, Ивица Лазаровски, Борче Соколов и Бобан Блажевски. Првиот натпревар од бараж-дуелот се игра в сабота во 12.30, а реваншот во Скопје идната среда од 20 часот.