Макарена Агилар потпиша за Турингер

Централниот бек на шпанската женска репрезентација, Макарена Агилар потпиша договор со германскиот тим Турингер. Шпанките го завршија својот настап на Олимписките игри во четвртфиналето, па шпанската репрезентативка ќе му се приклучи на новиот клуб за неколку дена.

Агилар ќе биде вистинско решение кое ќе ја зацврсти позицијата централен бек, каде настапува Ивета Лузумова која се повреди минатата година. Со Агилар пристигна петтото засилување во клубот каде ќе настапуваат и Манон Хует, Симонета Планета, Мариа Киедровски и Аника Ниедервајзер. Од клубот заминаа Елиза Бусеши и Соња Фреј.

31-годишната Агилар во својата богата кариера настапувала за Рендерс, Ѓер, Сиофок и Ростов Дон, а изминативе две години беше поврзувана со составот на Вардар, но трансферот никогаш не се случи. По раскинувањето на договорот со Сиофок, повторно се разгореаа шпекулациите околу евентуалната преселба во Скопје, подблиску до нејзиното момче Хорхе Македа, но одличната шпанска интернационалка се одлучи за својата петта ракометна земја да ја одбере Германија (претходно настапувала во Шпанија, Данска, Русија и Унгарија)

Турингер оваа сезона во Лигата на шампионите за влез во главната фаза ќе се бори со Мец, Будуќност и победникот од квалификацискиот турнир 1.