Маестралната Суслина го реши Лајпциг: Вардарки го совладаа Лајпциг, продолжува борбата за четвртфинале

Ракометарките на ЖРК Вардар ја совладаа екипата на Лајпциг со резултат 26-20 (10-9), и ја продолжија серијата без пораз на домашен терен (4 победи и една нерешена). По оваа победа вардарки ја продолжуваат трката за пласман во четвртфиналето, за кое поради слабите партии на гостински терен треба да се борат до последното коло.

ЖРК ВАРДАР-ЛАЈПЦИГ 26-20 (10-9)

Лајпциг прв го отвори натпреварот преку Каролина Кудлач, а на спротивната страна вратија Радичевиќ и Николиќ на два пати за водство на Вардар од 1-3 во 6 минута. Во 13 минута своето враќање на ракометните терени по подолга пауза поради повреда го забележа Татијана Хмирова која беше бурно поздравена од домашните фанови. Рано стекнатата позитива помеѓу еден и два голови разлика вардарки ја одржуваа до 17 минута кога Хелена Хертлеин ги врати гостинките во игра израмнувајки на 6-6, што беше знак за Индира Кастратовиќ да повика тајм аут. Сираба Дембеле со прекрасен влез го врати Вардар во водство 8-7, а Николиќ со својот трет гол донесе +2, 9-7 на пет минути до крајот на првиот дел. Суслина беше фантастична во последните пет минути од првото полувреме забележувајки четири одбрани во серија меѓу кои и еден седмерец на Каролина Кудлач, по кои Ихнева со својот прв гол го доведе Вардар на највисоки +3, 10-7 во 27 минута. Но германките успеаа да ја казнат невнимателноста на вардарки и со головите на Кудлач и Саскија Ланг заминаа на полувреме со само еден гол негатива 10-9.

DSC_6874
ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ

Ања Алтхаус со својот трет гол го отвори вториот дел за 11-9, а по една извонредна контра Радичевиќ ги врати највисоките +3 за Вардар 14-11 во 38 минута. Благодарение на одличната Суслина вардарки одржуваа позитива помеѓу еден и два разлика, а младата Ихнева со својот препознатлив влез го доведе Вардар во водство од 18-16 на петнаесетина минути до крајот. Радичевиќ со удар од седум метри во 48 минута повторно ги врати вардарки на +3, 19-16 што беше аларм за гостинскиот тренер Ренч да повика тајм аут. Ина Суслина на десетина минути до крајот покажа зошто е една од најдобрите голманки на светот анејки и седмерец а веднаш потоа и удар од игра на Кудлач, за вистинска ерупција во арената Јане Сандански. Алтхаус со својот петти погодок ги донесе највисоките +4, за Вардар 20-16. Суслина продолжи да царува на голот, а Ихнева продолжи да ја зголемува позитивата на Вардар, 21-16 во 52 минута. До крајот вардарки рутинирано ја одржаа високата разлика за конечни 26-20.

DSC_6994
ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ

 

Најпрецизни вардарки на овој натпревар беа Алтхаус со 6 и Николиќ и Ихнева со по 5 погодоци.Ина Суслина беше фантастична на голот со 17 интервенции. Во екипата на Лајпциг Каролина Кудлач постигна 6 гола.


ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ