Маестралната Суслина ја донесе првата победа во ЛШ за Вардарки

Македонскиот женски ракометен шампион ЖРК Вардар започна нова традиција во новата арена “Јане Сандански” со победа над германскиот шампион Турингер од 26-21 (12-10).

Натпреварот го отвори Андреа Пенезиќ за водство од 1-0, но по тоа водство “вардарки” продолжија доста конфузно во нападот и одбраната што резултираше со високи +4 (2-6) за германската екипа во 9 минута. Тоа беше знак за Индира Кастратовиќ да повика тајм аут. И во продолжението на натпреварот “црвено-црните” продолжија со анемичната игра, и доколку на голот не беше извонредната Суслина која до 25 минута имаше 11 интервенции ќе имаа и поголема негатива. Но и покрај сите проблеми Зебиќ во 27 минута го носи првото водство од 10-9 за Вардарки. До крајот на првиот дел Лекиќ пропушти можност да донесе +3 кога имаше шанса да погоди од гол на гол по експериментот на гостинскиот тренер да игра без голман со седум ракометарки во поле. Резултатот по триесет минути игра беше 12-10 за екипата на Вардар.
Во вториот дел вардарки заиграа многу подобро пред се во нападот, и со головите на Лазовиќ и Пенезиќ дојдоа до највисокото водство од 16-12 во 37 минута.Иако во продолжението вардарки продолжија со неизнудени грешки во нападот маестралната Суслина го продолжи своето голманско шоу затворајки ги сите приоди кон својот гол и беше најзаслужна што “црвено-црните” имаа константно помеѓу 4-5 голови. До крајот на натпреварот Пенезиќ покажа зошто е ангажирана во “црвено-црниот” состав и со својот 8 гол зголеми на 26-20 во 29 минута. Конечниот резултат гласеше 26-21 за прва победа на вардарки во овогодинешната сезона.

Пенезиќ со 8 и Лекиќ со 5 гола го предводеа вардаровиот напад, а маестралната Суслина одигра натпревар а историја забележувајќи неверојатни 29 интервенции. Во гостинскиот состав најпрецизна беше Мајтцнер со 5 погодоци.