Мавсар и Лазовиќ за нова сензација на ЕП: Домаќинот Шведска на колена пред Словенија

Словенија по поразот од Србија успеа да се издигне и да ја изненади домашната репрезентација и голем фаворит за освојување на медал, репрезентацијата на Шведска. По второто коло од група А во Стокхолм работите сега се компликувани и последната рунда ќе ја даде конечната разврска околу патниците во втората фаза. Засега Србија е единствениот сигурен патник во главната рунда.

На стартот домаќинките беа тие кои поведоа со 4:2, но избраничките на Урош Брегар со головите на Мавсар израмнија на 4:4. Повторно Шведска имаше два гола предност, 6:4, пред Станко и повторно Мавсар да ги вратат работите на нула, 6:6. Во израмнета игра со многу пресврти двете селекции се менуваа во водство, затоа резултатот по првите триесет минути од (13-13) најдобро ги отсликува работите на теренот.

Во вториот дел продолжи изедначената игра. Словенија прва дојде до два погодока предност, но успеа да ја сочува до 47та минута кога резултатот повторно беше изедначен. Иако иницијативата и контролата над резултатот беа во посед на словенечките ракометарки, во самата завршница, на три минути до крај двете селекции влегоа изедначени на 23-23. Мавсар и Лазовиќ во последните моменти од натпреварот искористија една одбрана на словенечката голманка како и една техничка грешка и им донесоа прва победа на Словенците од овој Европски шампионат. Мавсар на две минути пред крај беше прецизна од контра-напад, а на точно 50 секудни до крај победникот го прогласи Барбара Лазовиќ со својот трети гол за конечни 25-23.

Голем удел во победата на Словенија имаше голманката Маринчек со 40% успешни интервенции додека Робертс и Оден се трагичари на овој меч за амбициозниот домаќин кој пропуштената шанса ќе ја бара веќе во наредното(последно) коло против селекцијата на Србија. Словенија пак од својот последен дуел мора да замине непоразена, а во тој натпревар Шпанките се пред свршен чин. Да се биде или не.

Одличната Мавсар со 6 голови го предводеше нападот на Словенија, Грос постигна 5 погодоци, додека Лазовиќ уфрли 3 голови. Кај домаќините ниту 10-те голови на Гулден не беа доволни за да се избегне пораз.