ЛШ – ЖЕНИ: Ларвик подобар од Баја Маре, Лајпциг го прегази Хипо на свој терен

Третото коло од Лига на шампионите во женска конкуренција започна со натпреварот Лајпциг – Хипо од првата група. Ракометарките на Хипо немаа сили да му се спротистават на силниот бундеслигаш. Германките уште од самиот почеток почнаа прецизно да стрелат кон голот на Олга Санко за на крај да ја забележат својата втора победа со 42:22 ( 20:11).

Австриски Хипо кој е далеку послаб од претходната сезона шансата за влез меѓу најдобрите три ќе ја бара во дуелите со Динамо – Синара и Крим Меркатор на домашен терен.

Во Ц групата дерби натпреварот помеѓу Савехоф и Локомотива Загреб заврши без победник 29:29 ( 15:15). Најефикасна во составот на Савехоф беше Ида Оден со десет погодоци, осум додаде Џени Алм. Во составот на Локомотива Загреб десното крило Нели Ирман беше најпрецизна со седум погодоци, шест додаде Михаела Хрбкова. Во четвртото коло на домашен терен во Загреб составот на Локомотива повторно ќе ги одмери силите со Савехоф.

Во Д групата Ларвик на гостувањето во Баја Маре ја забележа третата победа во Лига на шампионите откако беше подобар од романскиот шампион со 24:23 ( 12:13). Најефикасна во Баја Маре беше русинката Екатерина Давиденко со седум погодоци, додека македонската репрезентативка Елена Ѓорѓиевска не се запиша во листата на стрелци. Ларвик го предводеше Хамерсенг Един со шест погодоци, Бланко додаде пет. Ова беше втор пораз за Баја Маре откако во второто коло романската екипа беше убедливо поразена на гостувањето во Мец.

Останатите натпревари од третото коло се играат во текот на викендов.

Фото: www.savehof.se