Лука Раковиќ за 24ракомет: Против Кил покажавме дека можеме да одиграме против големите екипи!

Пред утрешниот натпревар од третото коло во Лигата на шампионите, македoнскиот првак Металург во Загреб ќе се обиде да го поправи впечатокот од првите две кола. Следен пртивник на тимот од Автокоманда е екипата на хрватскиот шампион ППД Загреб, нов дуел на старите познаници и ракометни ривали Веселин Вујовиќ и Лино Червар. За хрватскиот првак одлични настапи оваа година има Лука Раковиќ, кој изминативе две сезони ги бранеше боите на Вардар и добро го познава противникот. Пред натпреварот кој директно ќе влијае на пласманот меѓу последните 16, за 24ракомет вели:

Ќе биде тежок натпревар, но нашата игра оди во нагорна линија. Посебно сега кога пристигна Вујовиќ, ја поправивме играта и со победата над Кил покажавме дека можеме да одиграме против големите екипи, така ќе биде и со Металург. Се надевам на добар натпревар, добро ја отворивме Лигата на шампиони и со оваа победа над Кил создадовме предност и си го олеснивме патот во следната фаза, пред се на психички план.

Треба да ја играме својата игра и да играме трпеливо, со пристигнувањето на Вујовиќ за сега се гледа дека се е добро, ракометарите се задоволни, се гледа дека има нешто во себе што ги мотивира ракометарите, знае да ја подигне екипата, мислам дека ќе биде се добро, а тоа со текот на времето ќе се покаже.