Лош старт за „металурзите“: Монпеље го „смрзна“ Металург на минус 10

Металург тргна добро во мечот против Монпеље, но на средината од првиот дел го загуби приклучокот кон резултатот и противникот тоа знаеше како да го казни и да дојде до висока победа на средбата со 32:22.

„Металурзите“ се обидоа да влезат во оваа средба најдобро што можат и подолго да бидат во игра за добар епилог. На почеток не можеа да се снајдат со ветеранот Гигу кој ги постигна првите пет гола и имаше шут 5/5. Додека другите да се разиграат, Гигу го полнеше голот, но Металург се држеше и имаше 5:3.

Предноста од два гола остана до 8:6, а потоа набрзина со серија на домашните од 5:1 во 20. минута од мечот беше 13:7 и тука веќе македонскиот вицешампион не можеше да следи. Тоа беше период во кој полека се гледаше кој ќе победи, па до крајот на првиот дел предноста се искачи на осум гола за на одмор да се замине со 19:11.

Во вториот дел Металург не можеше да намали за да дојде до подобар резултат. Домашните искусно ја чуваа предноста и знаеја како да стигнат до сигурни бодови. Имаа контрола и во нападот и во одбраната, па тоа му донесе на тимот од Франција поени, а Металург својот прв триумф ќе треба да го бара на домашен терен против Бешикташ на 24 септември.

МОНПЕЉЕ – МЕТАЛУРГ              32:22 (19:11)

Сала: Палата на спортовите „Рене Буњол“ во Монпеље. Судии: Кирхолм Мадсен и Хенрик Мортенсен од Данска. Делегат: Феликс Рац од Швајцарија.

МОНПЕЉЕ: Жерард, Портнер, Симоне 2/2, Каус 1/1, Трухановичиус 1/2, Туми 2/5, Гигу 6/6, Ричардсон 4/4, Кавтичник 1/1, Бонефонд 1/4, Фаустин 0/1, Фабрегас 2/3, Порте 2/2, Бинго 3/4, Афгур 5/6, Суси 2/2

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 4 мин.

МЕТАЛУРГ: Арсиќ, Томовски, Петров, Дрогришки, Јагањац 6/11, Лапајне 1/1, Токиќ 1/1, Танкоски, Кузмановски 5/7, Илиќ 0/1, Анѓелиќ 1/5, Велковски 4/6, Пешевски 4/5, Палевски, Гуглета 0/1, Димитриевски

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 6 мин.