Лош ден за Македонците во Бундеслигата

Германскиот шампион Рајн Некар Ловен не успеа да продолжи со добрите игри и од гостувањето во Фленсбург се враќа со пораз од 27-22 во рамките на третото коло од Бундеслигата. Рајн Некар одлично ја отвори новата сезона, а добри партии покажа и во подготвителниот каде успеа да го совлада и актуелниот европски првак Вардар.

Македонскиот репрезентативец Филип Талески немаше минутажа на овој дуел. Фленсбург победи на крилата на искусниот Холгер Гландорф и Лауге Шмит кои постигнаа по 7 гола. Кај Рајн Некар Ловен, Патрик Грецки постигна 6 погодоци, го следеше Пекелер со 4. Ова е втор натпревар за актуелниот германски шампион оваа сезона, а трет за Фленсбург кој ја предводи табелата во Бундеслигата

Вецлар и Филип Миркуловски го одиграа третото коло. Македонскиот репрезентативец немаше среќа на гостувањето кај својот поранешен клуб Хановер. Вецлар забележа пораз од 30-27. Искусниот македонски интернационалец Миркуловски постигна еден гол и имаше една асистенција за својот тим. Брозовиќ со 7 погодоци и Мортенсен со 6 голови го предводеа нападот на Хановер, додека кај Вецлар Херман постигна 7 голови, додека Чавор имаше 6 погодоци.

По некомплетни три кола Вецлар се наоѓа на средина на табелата, на осмото место, со една победа, едно реми и еден пораз. Додека актуелниот шампион моментално е на 14. место, но има и натпревар помалку.