Локе буквално во последната секунда им пресуди на вардарки!

Во директниот дуел за првото место во групата Ц, ракометарките на ЖРК Вардар не успеаа да му се реваншираат на Ѓер за стартниот пораз на домашен терен во ЛШ. Иако одиграа одлично прво полувреме во кое диктираа темпо и го завршија со три позитива, 14-17, сепак големиот пад во стартните десетина минути од второто полувреме ги чинеше пораз. Ѓер со серија од 8-1 го отвори вториот дел, правејки позитива од +4 22-18 со која ја најави победата. И покрај се вардарки собраа сила да се вратат во игра и во последната секунда преку Радичевиќ стигнаа до израмнување 27-27. Сепак последните дваесетина секунди беа кобни за македонскиот шампион, кој буквално во последната секинда прими погодок за конечни 28-27.

ЃЕР-ЖРК ВАРДАР 28-27 (14-17)

Вардарки одлично го отворија натпреварот. Маја Сокач од седмерец го донесе првото водство, а на спротивната страна возврати Аморим.Алтхаус донесе ново водство од 1-2, но Ѓер одговори со мини серија од 2-0 и преку Боли стигна до првото водство од 3-2 во седмата минута. Тоа не ги запре црвено-црните девојки да продолжат со одличната игра. Ина Суслина го започна својот танц помеѓу стативите, а Хмирова, Пенезиќ и Радичевиќ иницираа серија од 3-0 по која Вардар дојде до +2, 3-5 по 10.минути игра. Следуваа минути во кои македонскиот шампион направи неколку технички грешки а унгарките преку успешните контри на Ковачиќ и Локе брзо се вратија во водство од 6-5. Последното водство за домаќинките во првиот дел беше дело на Боди во 15.минута, а втората половина на првото полувреме беше резервирана за ЖРК Вардар. Суслина продолжи со одличниот перформанс на голот забележувајки девет одбрани по првите триесет минути, а серијата од 4-0 од 20. до 24.минута им го донесе највисокото водство на вардарки од +4, 9-13 во 25.минута. Во последните пет минути Ѓер успеа да намали само гол од најголемата позитива на вардар за конечни 14-17 по првите триесет минути игра.

Сето она што го градеа вардарки во првото полувреме се распрсна во првите десетина минути од вториот дел. Домакинките предводени од Анита Горбиц успеаа да направат неверојатна серија од 8-1 со која поведоа со +4, 22-18 во 42.минута. Црната серија на вардарки со два врзани погодици за момент ја прекина Сираба Дембеле за 22-20, пред Ковачиќ и Горбиц повторно да зголемат на 24-20. Хмирова погоди за 24-22, со што ја врати неизвесноста во последните десетина минути. Црвено-црните стегнаа во одбраната, а Сања Дамјановиќ под закана на пасивен напад погоди за -1, 25-24 на шест минути до крајот.Ковачиќ со погодок од крилната позиција донесе ново водство од 27-25, пред Барбара Лазовиќ со погодок да внесе нова неизвесност 27-26, во 58.минута. Лејно одбрани удар на противникот, а Радичевиќ во последната минута му донесе израмнување на Вардар 27-27. Последните дваесетина секунди му припаднаа на Ѓер кој преку Локе буквално во последната секунда стигна до победа од 28-27.

Најпрецизни во редовите на Вардар беа Радичевиќ, Хмирова и Дембеле со четири погодоци. Кај унгарскиот шампион Горбиц постигна осум голови.

Последниот натпревар од групната фаза, вардарки го играат на 21.11.2015 против екипата на Хипо.