Ловќен сака да се врати во СЕХA лигата

Црна Гора сака одново да има свој тим во СЕХА-лигата, а во ова натпреварување би требало да се вклучи тимот на Ловќен секако доколку ги исполни условите кои се потребни за да се биде дел од оваа лига.

Ловќен побара помош од градот, а градоначалникот на Цетиње, Александар Кашчелан соопшти дека имаат намера финансиски да го помогнат клубот.

Претседателот на клубот, Видо Ѓаконовиќ вели дека во минатите две години направиле голема работа во однос на организацијата, но и финансиската стабилност на клубот. Затоа сметаат дека сега е вистинското време екипата да се врати во СЕХА и да има одново регионален ракомет во Цетиње.

Инаку, Ловќен беше еден од клубовите кои ја основаа СЕХА и кои го стартуваа овој проект во сезоната 2011/2012. Сепак, играше само три сезони, а од есента во 2014 година веќе не е дел од оваа лига. Доколку добие зелено светло тоа ќе биде враќање после цели пет години.