Лино Червар: Ќе си заминам од Металург само ако ме избркаат

Стратегот на Металург, Лино Червар денеска беше на клупата на Металург иако во последните неколку дена не беше во Скопје. Тој мораше во Загреб поради работата со репрезентацијата и формирањето на составот за подготовките.

„Не ми беше лесно. Веќе сум преморен од тоа да зборувам колку ќе биде тешко. Не можев да не помогнам кога и бев потребен на мојата татковина каде што израснав како тренер. Доколку првенството не се одржуваше во Хрватска можеби немаше да ја прифатам понудата. Вака морав. Во Металург имаме неколку тренери кои знаат да го спроведат на дело она што го имам оставено како мој упат. Знам низ што поминувам. Многу ми е тешко. Сакам да сум и тука и таму, но се обидувам колку можам повеќе. Им верувам на луѓето коишто ме опкружуваат“, рече Червар.

Тој вели дека нема намера да си замине од Металург и покрај тоа што во последно време имаше многу информации дека си заминува.

Додека можам да одам, да размислувам и имам сила и здравје нема да си заминам од Металург. Ако не сум тренер тогаш ќе бидам советник. Премногу ги почитувам луѓето во Македонија кои ме примија со отворени раце и не би можел да си заминам. Тоа може да се случи само доколку ме избркаат“.

Што се однесува до многу промашените удари факт е дека имаше многу грешки, но беа надминати.

„Ќе има уште многу промашени удари, ќе има и порази, но и победи. Живееме во многу тешки моменти. Ако ни се случи нов проблем можеме и да не играме натпревар. Јас патував осум часа и за еден час одново одам да патувам осум часа. Некој рече дека не сум професионалец, но работам 40 години и го сакам ракометот повеќе од себе. Горд сум што сум тренер на Металург“, изјави Червар.