Лино Червар: Колективната свест секогаш е посилна од поеднинецот

Македонија го доби својот нов селектор. Искусниот хрватски стратег позади себе ги има најсјајните медали од Олимписките игри и Светските првенства. Неговото име доволно говори за величината која ќе застане на клупата на Македонија. Лино Червар ќе ја предводи најсилната македонска репрезентација низ бараж дуелите за Светското првенство во Франција, Тоа беше повод денес во салата за конференции на хотелот „Холидеј ин“  претседателот на РФМ да го претстави пред медиумите новиот селектор на машката сениорска репрезентација.

Живко Мукаетов, претседател на РФМ:

Голема чест и задоволство да го потврдиме она што вчера формално беше изгласано од управниот одбор на Ракометната Федерација на Македонија, а тоа е одлуката Лино Червар да застане на клупата на машката сениорска репрезентација. Човек кој е олимписки првак, човек кој е светски првак, човек кој придонесе многу за македонскиот ракомет.

Договорот е потпишан на четири години, а се очекува Лино Червар да помогне не само во сениорската ракометна репрезентација туку во сите младински категории.

Лино Червар, селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија:

Многумина ме прашаа зошто Лино сега пред квалификациите за Светско Првенство ја превземаш репрезентацијата на Македонија кога ситуацијата е најтешка. Одговор не дадов, но сега ќе одговорам. Сакам да помогнам, заедно со ракометната федерација и сите ракометни работници кои ќе бидат вклучени, да ја продолжиме ракометната приказна на големите натпреварувања како Светското првенство во Франција 2017 и Европското првенство во Хрватска 2018. Со тие цели, мораме да работиме на понатамошно развивање на македонскиот ракомет. Голема чест и одговорност е да ја водиш репрезентацијата на Македонија, бидејќи преку спортот таа ја претставува државата во светот. Да играте за својата тактовина е голема чест.

Програмата ги опфаќа следниве точки:

Да се направи стратегија за развој на машкиот ракомет како крајна цел беше Олимписки игри 2020.

Да се направи оперативен план за сите категории од децата во градинка до сениори, со тоа би се опфатиле сите возрасни категории од у10 до сениорите.

Да се работи на усовршување на тренерите и едукатори, особено во младите категории.

Да се работи на подигнување на квалитетот на работа во клубовите во Македонија.

Да се воспостави соработка со сите ракометни работници која ќе прејде во заедничка грижа за иднината на македонскиот ракомет бидејќи само така ќе напредуваме и ќе се чуствуваме вредни да бидеме дел од македонската репрезентација.

Позади секој успешен проект стои успешен тим, тимот е најважен зашто колективната свест е посилна од поеднинецот секој играч кој го носи дресот на својата земја е Македонија. Затоа играчите треба да поседуваат човечки и играчки квалитети за да може да го носат македонскиот дрес.

По квалификации ќе се направи предлог за комплетниот стручен тим кој ќе се грижи за сите категории, Тука очекувам поддршка од раководните органи на РФМ и медиумскиот простор во Македонија.