Лефтер Бошковски на состанокот на тренерите: Услови има, но нема нова Радуловиќ, Кастратовиќ…

Првата конференција на тренерите која вчера се одржа во салата во СЦ „Борис Трајковски“ со цел да се изнајдат можности за развој на младинскиот ракомет донесе интересни дискусии, па сите тие дадоа предлози како би можело да се тргне напред и да се донесе многу поголем успех од досегашниот на македонскиот ракомет.

Со оглед на тоа што Македонија ќе биде домаќин на ЕП во 2022 година за сениорки потребна е стратегија за да се покаже добар резултат, а селекторот на сениорската селекција го даде своето видување на работите.

„Тренажниот процес на младите категории останува на нас тренерите. Без цел не може да функционираме и да работиме. Секој од нас сигурно има некоја цел кон која се стреми, па овој момент го користам да поставиме некои и во наредниот период од четири години да ги оствраиме истите. Често се нафрла дека женскиот ракомет е на ниско ниво во Македонија. Ако доволно се анализра, ќе се види дека има добри и лоши страни. Треба да се направи национална стратегија, треба да се знае како треба да оди натаму, да се стави акцент на првенството во 2022 година. Целта е тогаш да се прикажаме во што е можно подобро издание“, коментираше селекторот на сениорките, Симе Симовски.

Еден од поранешните селектори на Македонија и секако меѓу поуспешните тренери, Лефтер Бошковски имаше дискусија во која во кратки црти ја долови актуелната ситуација.

„Фарски острови играат подотеран ракомет од нас, подобро ја движат топката, подобро додаваат… Не е сè до условите, ние сега имаме многу подобри услови отколку порано, но дали имаме една нова Радуловиќ, една нова Кастратовиќ, Будимир или Платон, немаме за жал. Сега цел свет може да го имаме на дланка, но немаме меѓусебна соработка. Никој од никого не бара никаква помош или некаква соработка. Мораме да го смениме тоа и малку по малку да одиме напред, на ваков или таков начин“, изјави Лефтер Бошковски.