Лесни три за Металург Јуниор

Ракометарите на Металург Јуниор по ремито во Куманово, се вратија на победничките патеки и во „Расадник“ го совладаа тимот на Тиквеш со убедливи 34:25. Гостите иако без најдобрите поединци во ростерот, сепак даваа солиден отпор во првиот дел, но се чини дека ниту домаќините многу не се претргнаа.

Тиквеш водеше со 0:1 и 1:2, пред домашните со серијата од 8-1 да стигна до водство со 9:3. Сепак како одминуваше времето гостинските ракометари полека ја топеа разликата и стигнаа до минус 3, 15:12, резултат со кој се замина на пауза.

Во вториот дел Тиквеш отвори со гол за 15:13, но тоа беше се од нив. Нова серија грешки на кавадарчани, а нова серија голови на Металург Јуниор и домаќинот 18:13. До крајот се играше формално и беше прашање со колкава разлика ќе го добијат мечот домаќините.

Имаа избраниците на Благојче Весиќ и плус 11, 33:22, но сепак крајниот резултат беше 34:25. Најдобри стрелци беа Ѓуровски и Гичев со по 6, додека Новаковиќ даде 5, а по 4 пати погодија крилата Мазниковски и Крстески.

Во составот на домашните се врати и повредениот десен бек Виктор Петковски, кој се запиша и во листата на стрелците. Кај Тиквеш се истакнаа Костадин Петров со 8 голови, 4 даде Петар Петров, а по 3 пати погодија Тодоров и Витанов.