Лацковиќ: Имам впечаток, дека никогаш не сум имал поголем мотив да се вратам на терен!

Блаженко Лацковиќ ќе го запамети дуелот со Веспрем засекогаш, но не по резултатот, бројните контакти и груби дуели, туку по неочекуваната повреда на Ахиловата тетива која ќе го одалечи од терените најмалку шест месеци.
Откако ја почуствувал болката, токму грубите дуели го навеле да помисли дека се работи едноставно за фаул, но кога сфатил дека нема никој околу него, било јасно дека повредата е многу посериозна.
Напукнување на Ахиловата тетива е повреда која е непревидлива и може да му се случи на секого.
Низ ракометна историја повредите биле составен дел од спортот, токму оваа повреда гo одалечила од теренот одличниот централен бек на шпанската репрезентација и Веспрем, Чема Родригез во 2008, исландскиот бек и член на моментално третопласираната екипа во францускиот шампионат, Арон Атласон во 2012, се здоби со истата повреда при додавање на топката во контра напад, на натпревар од Лигата на шампионите меѓу Фленсбург и Хамбург. Едно од најквалитетните светски крила германскиот репрезентативец Уве Генсхаимер го пропушти Светското Првенство во 2013, а Николај Маркусен во 2014 година не настапи на Европското првенство на домашен терен во Данска поради напукнување на Ахиловата тетива.
Годините секако се фактор за финалниот исход, но мотивацијата и волјата на ракометарот се пресудни за конечната одлуката. Во професионалниот ракомет многу често вакви повреди надопонети со ракометниот стаж се причина за прекин на кариерата, легендарниот Веселин Вујовиќ на 39 години ја заврши карирата откако не успеа да ја врати идеалната форма по слична повреда, а во поновата историја тоа и се случи на легендарната норвешка ракометарка Сесилија Легангер.
Во интервју за хрватскиот „Јутарњи лист“ Лацковиќ со оптимизам гледа на опоравувањето од најтешката повреда во неговата кариера:

Уверен сум дека ќе се вратам и пак ќе играм добар ракомет. Да кажеме, среќа во несреќа е што не пукна тетивата на скочната нога. Не сакам сега ова да се претвори во приказна за повредите бидејќи тоа не е така. Знаеме со кој спорт се занимаваме, тоа се нормални работи, а ова сега е детал кој искрсна и кој ќе пројде.

На прашањето дали одлуката да дојде во Вардар била правилна, Лацковиќ вели:

Имаше и други понуди, но сакав да играм во клуб кој ќе игра во Лига на шампиони, кој има врвни амбиции, а се тоа го пронајдов во Вардар. Сега се случи ова, а посебно ми е криво бидејќи се случи во момент кога почуствував дека повторно растам, се издигнувам, кога имав големи очекувања од себеси.

33-годишниот бек на Вардар ќе мора да ги оправда очекувањата на управата од следната сезона, до кога би требало да се врати во оптимална форма.