Ларвик понижен во Скопје: Лејно и Пенезиќ го букираа „црвено-црниот“ билет за Фајнл-фор.

Ракометарките на ЖРК Вардар го одиграа најдобриот натпревар сезонава и го совладаа норвешки Ларвик во првиот од  двата четврт-финални натпревари во Лигата на шампионите 34-20 (16-9).

Тоа што најавија вардарки пред почетокот на натпреварот го остварија.Со добар напад и одлична одбрана предводени од фантастичната Амандин Лејно го совладаа Ларвик и обезбедија предност за мирен реванш во Норвешка.

Вардарки одлично го отворија натпреварот преку погодоците на Радичевиќ,Лазовиќ и Пенезиќ и по пет минути резултатот беше (4-1). Фуриозната игра продолжи и во следните минути. Лејно беше несовладлива на голот, а нејзините соиграчи ја полнеа мрежата на Ларвик. Норвешкиот шампион беше немоќен и остана само на еден погодок цели петнаесет минути , а вардарки стигнаа до двоцифрена предност (11-1). Вториот гол за Ларвик го постигна Сана Солберг во 17-тата минута (12-2). За добрата одбрана на Вардар говори и фактот дека најдобриот играч на Ларвик, Нора Морк својот прв гол го постигна во 22 минута од линијата за седум метри (13-4). Следуваа уште два погодоци за Норвежанките за намалување на негативата (13-6), а вардарки возвратија со иста мера за (15-6). Последните три минути им припаднаа на ракометарките на Ларвик, врзаа три погодоци во низа и ја намалија негативата на седум погодоци (16-9) резултат со кој заврши првиот дел.

Вториот дел го отвори Барбара Лазовиќ за (17-9), по што Норвежанките врзаа два погодоци за (17-11). Вардарки ги консолидираа своите редови, а и со помош на одбраните на Лејно по десет минути игра во второто полувреме дојдоа до двоцифрена предност (24-14). Противникот беше немоќен и во вториот дел и тешко го наоѓаше патот до голот на Лејно. Тоа го искористија нашите девојки и на десет минути пред крајот на натпреварот стигнаа до високи (30-18), а на две минути пред крајот Сара Ристовска со погодок од седум метри ја донесе највисоката предност за Вардар (33-19). До крајот на натпреварот и двата тима постигнаа по еден погодок за конечни (34-20)

Најефикасна во екипата на Вардар беше Андреа Пенезиќ со осум погодоци, а Барбара Лазовиќ постигна шест. Амандин Лејно беше фантастична на голот со 20 интервенции.  Екипата на Ларвик ја предводеше Нора Морк со шест погодоци.