Ларвик ги испоти „црвено-црните“: Вардарките не стиснаа до крај, па се намачија за бодови

Ракометарките на Вардар се изборија за нова победа (30:27) во Лигата на шампионите во меч во кој во поголемиот дел беа во незгодна ситуација бидејќи Ларвик знаеше дека на овој дуел нема што да загуби и постојано вршеше голем притисок на одбраната на Вардар. Ваквата игра и опуштеноста во одбраната на „црвено-црните“ придонесе победата и бодовите за Вардар да висат до крајот од средбата и да мора до последните моменти да се одигра квалитетно за да може бодовите да останат во Скопје.

Мечот почна без поголем притисок од двете страни. Во првите десет минути имаше неколку моменти кои останаа да се забележат. Вардар грешеше во нападот и пропушти неколку акции поради лошо додавање или непрецизен шут. Додека се случуваше тоа, Лејно успеа да запре шест топки во овие десет минути, додека нејзината колешка од Ларвик, Рундбратен немаше ниту една. Сепак, после десет минути игра немаше предност за никого. Резултатот беше 4:4.

Во продолжение се играше гол за гол. Вардар беше во предност, а после 4:2 уште еднаш имаше плус два при 7:5 во 15. минута. Сепак, не траеше долго ова водство бидејќи во 25 минута, Ларвик израмни на 8:8, а во истата минута и поведе со 8:9 со голот на Бреистол. До крајот на првото полувреме, Норвежанките дојдоа и до плус два, но на одмор се замина со 10:11.

Најголемите проблеми во овој период доаѓаа од десниот бек Марија Хјертнер која уште во првата половина од првото полувреме имаше четири гола. Од друга страна остана и впечатокот дека во првите 30 минути вардарки и не притискаа со сите сили.

Стартот на второто полувреме не донесе многу нови моменти. За првиот погодок во продолжението се чекаше четири минути, а Кузнецова ја отвори серијата. Ларвик водеше до 37. минута кога имаше 12:13, а потоа следуваше серија од 6:1 за само четири минути и предност на Вардар од 18:14 што комплетно ги сврте работите. Се играше добро во одбрана и се користеа грешките на Ларвик, а во нападот одлично се реализираше.

Иако поведоа со четири гола разлика, вардарки не можеа да бидат сигурни ниту во продолжението од мечот. Гостинките знаеја што сакаат и продолжија да играат во свој ритам и ги казнуваа сите грешки кои ги правеа „црвено-црните“. Успеаја да се вратат и да намалат на гол разлика, а оваа позитива за Вардар беше и на почетокот на последните десет минути од мечот при, 24:23.

Средбата одново продолжи со наизменични погодоци. Вардар редосно беше во водство, но Ларвик успеваше да намали на гол негатива и така да продолжи до пет минути до крајот. Тогаш Дибирова и Парондо одлучија да ја вратат во игра Лејно, која десетина минути беше на клупата, па таа успеа да го одржи Вардар во предност и да овозможи одново да се зголеми разликата и во 58. минута беше зголемено на 28:25 откако претходно Бреистол заработи директен црвен картон поради груб прекршок над Пенезиќ.

На крајот со две одбрани на Лејно беше потврден триумфот од 30:27, кој е број 4 сезонава во ЛШ со што Вардар остана со максимален број на бодови.

ВАРДАР – ЛАРВИК 30:27 (10:11)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Кристина Настасе и Римона Ралука Станку од Романија. Делегат: Виктор Конопласти од Украина.

ВАРДАР: Лејно (17 одб.), Суслина (4 одб.), Мицевска, Радичевиќ 4/6, Кликовац, Саздовска, Кузнецова 4/5, Лазовиќ 2/4, Пенезиќ 7/15, Чанаџија 0/1, Лакрабер 4/7, Хмирова 3/7, Цвијиќ 5/5, Лекиќ, Петровиќ, Ристовска 1/1.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 4 мин,

ЛАРВИК: Рундбратен (9 одб.), Дијаз (2 одб., 2 сед.), Бергум 1/1, Дуволт, Локен 0/1, Ривас 4/6, Бреистол 6/11, Волф 3/4, Рот 1/4, Толбринг 4/11, Хјертнер 6/12, Христенсен 2/5, Лима де Араухо 0/2

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 6 мин.