Лазовиќ: Лигата на шампиони не се освојува преку ноќ, а нашето време допрва доаѓа!

ЖРК Вардар го освои третото место во Лигата на шампиоките, втора година по ред. Но десниот бек на „црвено-црните“, Барбара Лазовиќ за прв пат ја почувствува бронзата од Фајнл Фор концептот на ЕХФ. Вчерашниот меч ги истакна сите слабости на тимот од Македонија, а за причините за слабата игра Лазовиќ вели:

Сигурно никој не е задоволен од вчерашниот меч, како да изгоревме од преголема желба за победа и на крај потонавме. Будуќност не надигра целосно. Јас мислам дека е најреално во финале да бидат Будуќност и Ларвик. Денес одигравме добро, одигравме колку што е потребно за да победиме, за третото место. Многу подобро ќе се подготвиме за освојување на наредната сезона од Лигата на шампионите, ќе започнеме да се подготвуваме уште од сега, па до следниот Фајнл Фор.

Вчерашниот пораз од Будуќност беше втор оваа сезона, но тимот од Подгорица досега не знае какво е чувството да се загуби во дуелите со македонскиот шампион.

Не е тоа комплекс, ракометарките на Будуќност се подолго време заедно и делуваат покомпактно и подобро се воиграни. Ние сме заедно една година и мислам дека треба време да се воиграме. Лигата на шампиони не се освојува преку ноќ, а нашето време допрва доаѓа!

Натпреварот за третото место е секогаш неблагодарен, бидејќи од два губитника треба да се извлече победник. Времето е кратко, а мотивот е главната алатка за освојување на ваквите натпревари.

Најлош натпревар е овој денес, треба добра психолошка подготовка, разочарана си, но мора да се собереш и да победиш и да се покажеш за сите оние навивачи кои дојдоа од Македонија да ни дадат поддршка, мора да покажеш дека не дојдоа за ништо. Како секој спортист имам желба да ја освојам Лигата на шампионките, јас верував дека можеме и оваа сезона да направиме успех, но се покажа дека не е така и сè ќе направиме за да ја оствариме таа цел.

-истакна словенечката репрезентативка за победата над Динамо.