Лазаров распали по Монпелје и го однесе Нант на врвот

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кире Лазаров одигра уште еден одличен натпревар овој пат во првенството на Франција. Тој го торпедираше голот на Монпелје, а на крајот бодовите останаа за Нант кој славеше со 31:28.

Лазаров доминираше во нападот. Тој успеа да постигне седум гола, а со нив беше втор стрелец во редовите на победникот. Повеќе голови имаше само Николас Клер.

Кире реализираше четири погодоци од игра, а три од линијата од седум метри. Имаше само два нереализирани удари од игра и беше еден од оние со висок процент на реализација.

Нант беше подобриот тим во вториот дел од средбата кога беше одлучен и победникот. Во текот на целото полувреме Нант не му дозволи на Монпелје да покаже нешто од својата игра, па со новите бодови, Нант се најде на врвот на табелата бидејќи е само еден од двата тима кои имаат максимален број на бодови. Нант е прв поради подобрата гол разлика од Шамбери.