Лазаров: Ова се квалификации од државен интерес, се надевам во недела ќе се радуваме на најголемиот успех во македонскиот спорт!

Во пресрет на најважниот квалификациски циклус за пласман на Олимписките игри во Рио, кој од 8 до 10 април ќе се одржи во Гданск, Ракометната Федерација на Македонија во конгресната сала на “City Hall” одржа прес конференција пред заминување за Полска. Претседателот Мукаетов, селекторот Обрван и капитенот Лазаров говореа за важност и најголемата шанса на генерацијата да се пласира на најголемиот спортски настан.

Живко Мукаетов (претседател на РФМ):

Утре патуваме во Полска, дојде одлучувачкиот ден за оваа генерација. Ова е втора шанса која мора да ја искористиме. Сите сме фокусирани, за играчите не сакам ни да зборувам, дојде времето да го направиме тој исчекор и да се пласираме на Олимпијада. По ЕП во Полска направивме анализа дека ни треба директор, исто така донесовме кинотерапевт, а направивме исчекор во спортска психологија со што ангажиравме психолог од Словенија. Се надевам дека се засиливме на секоја позиција, а покрај тоа обезбедивме премија од 55 000 евра која мислиме дека ке биде дополнителен мотив за пласман на Олимпијадата. Се надевам дека најпосле ќе го видиме Лазаров како го вее македонското знаме, а бројката на македонски спортисти ќе биде поголема… Како претседател на Федерација апелирам да се сплотиме, да не не кочат некој конфликти за кои мислам дека не е време. Најпрво да ја исполниме посакуваната цел, а потоа сум подготвен да одгворам на сите прашања кои ве интересираат.

Ивица Обрван (селектор, Македонија):

Сите ракометари работат максимално за во Гданск да ја оствариме посакуваната цел. Верувам во сите одбрани ракометари, и во сите луѓе инволвирани во репрезентацијата. Едвај чекам да почне првиот натпревар, да ја исполниме целта, и да се пласираме на ОИ во Рио. Не е важно кого ќе победиме, важно е да се пласираме на Олимпијада.

Кирил Лазаров (капитен, Македонија):

Долго играм во репрезентацијата и сакам да кажам една работа, секогаш националната селекција е база за ракометот во Македонија. Почит кон сите клубови кои функционираат на Европско ниво, но базата секогаш треба да биде репрезентацијата. Долго се мачевме да стигнеме до оваа позиција и успеавме. Првата шанса не ја искористивме, и можам слободно да кажам за мене овие квалификации се државен интерес. Ние сакаме првпат да ја претставиме гордо Македонија на Олимписките игри. Атмосферата е одлична, сите сме квалитетни, амбициозни со голема страст, се надевам на позитивен успех и дека во недела ќе се радуваме на можеби најголемиот успех во македонскиот спорт.