Лазаров нема конкуренција – Број 1 во сите категории во пресметките со Грција

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кире Лазаров денеска го очекува својот седми натпревар во пресметките со селекцијата на Грција во сениорска конкуренција и е единствениот кој може да се пофали со ваква бројка на натпревари.

Ниту во Македонија ниту во Грција нема друг играч кој успеал досега да дојде до ваква бројка на натпревари во дуелите кои својот почеток го имаа на 12 јануари во 2000 година. Истата година Кире играше и за младинската репрезентација на Европското првенство во Атина, каде Македонија ја совлада Грција со 36:35.

Сепак, тука се работи само за натпревари во сениорска конкуренција, а на нив Лазаров има поставени бројки кои тешко дека некој ќе успее да ги сруши. Неговите 56 погодоци на овие средби и просек од 9,33 гола по натпревар се навистина импресивни, па денеска со нова добра партија ќе може само да ги помести границите во пресметките со Грција.

Лазаров е капитен и денеска на Македонија и од него се очекува да ја поведе репрезентацијата кон нов триумф.