Лазаров најдобар стрелец во квалификацискиот циклус за ЕП

Капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров беше клучниот ракометар на одлучувачкиот натпревар против Чешка во Скопје. Пласманот во Полска 2016 е обезбеден, а капитенот со 11 погодоци најефикасен и најзаслужен за победата во последниот квалификациски меч.
На шест одиграни средби Лазаров постигна вкупно 56 погодоци, од кои најмногу 13 на првиот натпревар против Швајцарија. Тој е најдобриот стрелец во квалификацискиот циклус, а на второ место зад Лазаров е турскиот репрезентативец Доне Рамазан со 48 постигнати голови (13 на првиот квалификациски натпревар против Италија), додека трет е Драган Гајиќ со 42 погодока од четири одиграни дуели.
Новиот селектор на Словенија, Веселин Вујовиќ не го повика најпрецизниот ракометар од Светското првенство во Катар, за последните два натпревари на словенечката репрезентација и му овозможи на македонскиот репрезентативец без посериозна конкуренција повторно да биде на врвот на листата на стрелците.