Лазаров и Нант им се вратија на победите

По паузата за ЕХФ неделата и квалификациските средби за ЕП, ракометарите на Нант каде настапува нашиот капитен Кирил Лазаров им се вратија на клупските предизвици. Европскиот вицешампион, во рамките на најсилната лига на Франција имаше за задача да го победи Тулуз на гости и истото го исполни славејќи со 32:25.

Нашиот десен бек постигна два гола, но и останатите негови соиграчи прикажаа добра партија. Од самиот старт беа во предност и добрата игра им донесе водство од 18:13 на полувреме. Тулуз во вториот дел влезе малку поангажирано и успеа да намали, но не и целосно да го достигне противникот. Валеро Ривера имаше свој ден и средбата ја заврши со седум гола. Шест беа дело на Николас Турна.

Нант се наоѓа на втората позиција во домашниот шампионат и истата носи пласман во Лигата на шампионите. Монпелје сериозно им дише во вратот, и е на ист број на бодови, но има и натпревар повеќе.