Лазаров и Барселона успешно ја „препливаа“ Висла

Тимот на Барселона, каде игра капитенот на македонската репрезентација Кире Лазаров, имаше победнички старт на новата кампања во Лигата на шампионите. Каталонците славеа на гостувањето во Полска, кај Висла Плок со 28:23.

Стартот на мечот го одбележаа по неколку промашувања на двете страни. Роча погоди за 1:0 во 3 минтуа, а Ивиќ во 6 минута за 2:0 за Висла. Житников донесе и 3:0 предност за домашните, додека првиот гол за Барселона беше дело на Ентрериос дури во 7 минута. Водството на Висла се движеше од два до три голови разлика се до 20 минута, кога Пушица погоди за плус 4, 10:6. Имаа домашните и 11:7, беше и 12:9, но до крајот на полувремето, Барселона намали и на 12:11.

На стартот на вториот дел, каталонците за прв пат стигнаа до реми, 12:12, a потоа и поведоа со 13:12. По ова водство немаше назад за домашните, иако беше 13:13, 14:14, 15:15. Лазаров за прв пат донесе и плус 3, 18:15, а Гебала промаши три пати во серија и Барселона се одлепи на 23:18. До крајот уште по неколку голови на двете страни за конечни 28:23 за каталонскиот гигант. Валеро Ривера беше најдобар стрелец со 7 голови, Жалуз даде 6, додека Лазаров беше стрелец на 4 голови од 6 обиди. Во домашниот тим се истакнаа Шиме Ивиќ и Дмитри Житников со 4 голови.