Лазаров: Играме натпревар да се биде или не!

Во недела, 14.07.2015, македонската репрезентација го игра клучниот натпревар со репрезентацијата на Чешка за пласман на Европското првенство 2016 во Полска. Противникот е добро познат, а проблемите на двете репрезентации со отсуството на клучните ракометари е идентичен. Сепак важноста на мечот не дозволува однапред да се прогласи победник бидејќи мотивот и моменталната инспирација ќе одлучуваат за текот на натпреварот.
На прес-конференцијата, селекторот Обрван и капитенот Кирил Лазаров изразија задоволство од прикажаната игра против Швајцарија и со оптимизам гледаат кон последниот квалификациски натпревар за Македонија пред ЕП 2016.
Ivica Obrvan Kire Lazarov
Ивица Обрван, селектор на репрезентацијата на Македонија:
Со нетрпение очекуваме на крај на сезоната еден ваков натпревар кој одлучува за пласман на ЕП во Полска. Одигравме коректен натпревар во Швајцарија, а посебна важност на победата и дава отсуството на дел од клучните репрезетативци. Мечот против Швајцарија требаше да го добиеме поради атмосферата во салата, и затоа сакам да се заблагодарам на сите навивачи кои дојдоа во Швајцарија во голем број. Се надевам дека сме подготвени за овој тежок натпревар, а со поддршка на публиката да победиме и да обезбедиме пласман на ЕП.

Кирил Лазаров, капитен на македонската репрезентација:
Дојдовме до момент кој го посакувавме сите пред овие квалификации. Сакам да се навратам на оној меч во Чешка кога имавме негатива од седум-осум голови разлика. Тоа значи дека не очекува тежок натпревар против квалитетен противник. Со Швајцарија имавме можност да одиграме порелаксирано бидејќи дознавме дека натпреварот нема да има резултатски императив. Но натпреварот во недела ќе биде од друг карактер. Во недела ќе одиграме меч да се биде или не. Чесите и покрај проблемите нема да дојдат со бело знаме, се надевам дека ќе покажеме што знаеме и ќе се радувам на уште еден пласман на големо натпреварување.

Натпреварот се игра во недела 14.06.2015 во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 17:45. Се уште има ограничен број билети, а можат да се купат преку продажната мрежа на мктикетс.